Сите сме постојано „онлајн“. Имаме интернет што работи со најголема брзина, апликации за сè, стотици контакти и илјадници објави што ги поминуваме секој ден. Но, колку од тоа навистина нè поврзува?
Некогаш ми се чини дека знам што се случува на другиот крај од светот, а немам поим што се случува во мојата улица. Знам кој инфлуенсер раскинал со кого, ама не знам кој млад човек од мојот град направил нешто добро. Имам сигнал до секој агол на интернетот, ама сè помалку имам чувство дека припаѓам некаде.
Не ни недостига технологија. Не ни недостигаат телефони или социјални мрежи. Она што ни недостига е простор каде што нашите идеи ќе бидат слушнати. Простор каде што ќе можеме да зборуваме за работите што нè засегаат – за образованието, можностите, културата, проблемите, но и за решенијата.
Често велиме дека младите не се заинтересирани. Но, дали некој навистина ги прашал што мислат? Дали некој им дал микрофон, место за текст, камера или публика? Ако никој не те слуша, лесно е да поверуваш дека твојот глас не вреди.
Токму затоа постојат иницијативи како „Гласовите на Пелагонија“ – не за да зборуваат во име на младите, туку за младите сами да раскажуваат. Да ги споделуваат своите приказни, идеи и визии. Да покажат дека зад секој профил стои вистинска личност со потенцијал да направи промена.
Бидејќи вистинската поврзаност не се мери со бројот на следбеници или лајкови. Таа се мери со тоа колку сме присутни во сопствената заедница, колку ги слушаме другите и колку сме подготвени да бидеме дел од промените.
Можеби сите имаме full signal.
Но, вистинското прашање е: дали имаме врска со луѓето околу нас?
Твојот глас е важен. Искористи го.
